Љубoтен со гол директно од корнер во 90+3 минута го освои Купот на Македонија кај жените (Видео)

Екипата на Љуботен повторно се радува на трофејот во фудбалскиот Куп на Македонија во женска конкуренција откако во финалето кое се одигра во Велес, минимално со 1:0 го победи најголемиот конкурент Каменица Саса.

Единствениот погодок вреден трофеј за Љуботен го постигна Александара Марковска, и тоа со удар директно од корнер во 93-тата минута.

По дождливо време, фудбалерките на двата тима водеа голема борба на теренот и кога делуваше дека дуелот ќе заврши без голови и ќе мора да се играат продолженија, Марковска со мајсторски изведен корнер ја изненади противничката голманка, која несмасно реагираше и прими гол.

За Љуботен ова е втор трофеј во Купот, повторувајќи го успехот од минатата сезона. Саса, која и лани загуби во финалето, и тоа убедливо со 4:0, останува со еден освоен трофеј во Купот.

Овие две екипи сега ќе ја продолжат битката и во првенството, каде што повторно во предност е Љуботен. Тетовскиот тим им еден бод предност пред Саса, а до крајот на првенството остануваат уште три кола.

Овие две екипи нема да играат до крајот на сезоната, што значи дека Љуботен со три победи до крајот ќе стигне до двојна круна, исто како лани, и ќе ја продолжи доминацијата во женскиот фудбал во Македонија.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име тука

- Оглас -

Најнови вести