Љубовта кон Македонија посилна од скршениците и хематомите, Мики не можеше да не дојде во Вараждин

Мирослав Попоски е еден од најверните фанови на македонските репрезентации, Светското ракометно првенство во Вараждин му е 28-ми голем настан на кој присуствува за да ја бодри македонската репрезентација, а она што го прави посебен популарниот Мики е тоа што пропатува долг пат за да навива за Македонија иако пред три месеци имаше тешка сообраќајна несреќа.

„На 21-ви октомври имав тешка сообраќајна несреќа со животно загрозувачки повреди, скршеници на ребра и главната градна коска, хематоми кои се опасни. Бев на интензивна нега, во ситуација кога ни на крај памет не ми беше дека ќе може да дојдам во Вараждин и ми беше криво. Сум бил на 28 европски и светски првенства во екипни спортови на кои играла Македонија. Сум бил на ЕП во фудбал, одбојка, кошарка, ватерполо, а ракомет и на европски и на светски шампионати. На почетокот на јануари го консултирав докторот, направив анализа, резултатите беа одлични и добив дозвола да дојдам, иако постои ризик“, раскажува Попоски.

ДУШАТА И СРЦЕТО БАРАА ОД НЕГО ДА ОТПАТУВА ВО ВАРАЖДИН

Овој гостиварец кој живее во Скопје нон стоп носи заштитен појас на градниот кош.

„Со заштитен појас сум цело време. Стана како дел од мене. Постои ризик, ама љубовта кон татковината е посилна. Душата и срцето не даваа да не дојдам, почна да врие крвта. На недела дена пред првенството одлучив да дојдам се организирав, имам комуникација со многу навивачи од Македонија, Европа, па и прекуокенските земји. Феноменална е атмосефарата, јас сум дел од Фалангата цел живот, во голема бројка сме во Вараждин, даваме максимална поддршка и без ниеден инцидент. Никаде не сме направиле инциент, ете вчера се сликавме со Холанѓаните, немаше никакви проблеми“, вели Мики.

Како и секој друг Македонец кој го гледаше мечот со Холандија, и Мирослав не остана имун на судењето на Данците кои отворено беа на страна на Лалињата.

„Разочарувачки и депримирачки беше она што го направија судиите, класичен криминал. На хартија можеби Холанѓаните се појаки, тоа да, но толку очигледно беа помагани од судиите. Со 13 пенали против Македонија и два црвени картони, јасно е каква тенденција имаа. Ова е спорт во кој судењето има големо влијание. Сум бил на безброј натпревари, но не сум видел толку очигледно некои судии да влечат на една страна, разочарувачки е“, заклучува еден од најверните фанови на селекциите на Македонија.

- Оглас -

Најнови вести