Диего Симеоне ќе го води Атлетико Мадрид и во сезоната 2026/27, пренесува шпанскиот „Ас“. Раководството на клубот и аргентинскиот стратег веќе разговарале и постигнале договор да ја продолжат соработката за уште една година.
Во последните недели се шпекулираше дека Симеоне би можело да го напушти Атлетико на крајот од сезоната. Сепак, по последните разговори стана јасно дека ниту клубот, ниту тренерот нема да ја активираат клаузулата која му овозможуваше предвремено раскинување на договорот со Јорганџиите за следната година.
Италија, Интер и останатите заинтересирани страни ќе мора да почекаат бидејќи Симеоне заедно со раководството веќе работи на летниот преоден рок.
Симеоне досега има освоено осум трофеи како тренер на Атлетико Мадрид: две титули во Ла Лига, еднаш Купот на кралот, еднаш Суперкупот на Шпанија, две титули во Лигат на Европа и двапати Суперкупот на УЕФА. Тој е најтрофејниот тренер во историјата на клубот.
Оваа сезона Атлетико се бори за уште еден трофеј во Купот на кралот и сонува за прва титула во Лигата на шампионите, по двете изгубени финалиња. Борбата за титулата во Ла Лига веќе е загубена, па главна цел е задржување на третото место.
Популарниот Чоло досега го водел Атлетико Мадрид на 786 натпревари, со учинок од 465 победи, 170 ремија и 151 пораз.

