„Луд“ е планот на УЕФА: Ќе има 11-дневен спектакл во Лисабон за да се дознае европскиот првак

Европската фудбалска федерација (УЕФА) има конкретен план за завршување на сезоната во Лигата на шампионите. На закажаниот состанок на 17 јуни треба официјално да се потврди дека завршницата во елитната лига на УЕФА ќе се игра во Лисабон.

Главниот град на Португалија ќе го добие домаќинството пред Мадрид и Москва за фајнлејт турнирот, кога ќе се игра нокаут-систем во четвртфиналето, полуфиналето и финалето. Мечевите ќе се играат на „Жозе Алваладе“ и „Луж“ и ќе бидат без присуство на публика. Одалеченоста на двата стадиони е само два километри и сите потребни објекти се во непосредна близина.

Планот на УЕФА е мечевите од Лигата на шампионите да продолжат на 8 и 9 август, кога треба да се доиграат осминафиналните реванш-средби, и тоа на стадионите на екипите кои треба да се домаќини. Откако ќе се комплетираат осумте екипи кои ќе останат во борба за трофејот, следува шоуто во Лисабон.

На 12 август треба да започнат четвртфиналните дуели (ќе се игра еден меч). По еден меч ќе има и во полуфиналето, а потоа на 23 август на стадионот „Луж“ ќе се игра најчудното финале во Лигата на шампионите. Истанбул, кој требаше да биде домаќин на финалето од ЛШ, ќе добие соодветен паричен надомест.

- Оглас -

Најнови вести