Луд финиш: Будуќност со тројка во последната секунда ја елиминираше Црвена ѕвезда

Екипите на Будуќност и Партизан ќе играат во финалето на АБА плејофот. Во неверојатно драматична завршница, Будуќност со 81:78 ја победи Црвена ѕвезда и тимот од Црна Гора се пласираше во финалето со 2:1 во победи.

Во текот на целиот меч имаше многу возбудувања и во најголемиот дел од средбата беше израмнето и неизвесно. Во последната минута од средбата Будуќност влезе со предност од 77:76. Потоа немаше поени до 12 секунди до крајот, кога Рајт погоди едно од двете слободни фрлања за водство на Будуќност од 78:76.

Во последниот напад на гостите, Црвена ѕвезда погоди преку Добриќ за 78:78 на седум секунди до крајот. Сепак, последниот напад го имаше Будуќност, а Мекинли Рајт на неверојатен начин со звукот на сирената погоди тројка, за победа на тимот од Подгорица и пласман во финалето на регионалната лига.

Партизан на свој терен славеше против Дубаи со 114:97 и си обезбеди ново финале во регионалната лига. Гостите од Дубаи започнаа фуриозно и поведоа со 14:2, а по првата четвртина водеа со девет разлика (32:23).

Во најголем дел и од втората четвртина водството на гостите беше убедливо, но Партизан со добра игра во финишот на првото полувреме стигна само на еден поен негатива (52:53).

Конечно Партизан се „разбуди“ во второто полувреме. Дубаи водеше со 67:64, а потоа следуваше серија на Црно-белите од 14:0, за прв пат Партизан да поведе и да стигне до двоцифрена предност од 78:67. Од тој момент, па до крајот Партизан во ниту еден момент не му дозволи на противникот да се понадева дека може да се спаси од пораз.

- Оглас -

Најнови вести