Луда ефикасност на Филаделфија невидена 56 години, Јокиќ со трипл-дабл каков што ретко се гледа

Екипата на Филаделфија севентисиксерс го победи Чикаго булс со 157-137 во ефикасен меч од НБА-лигата каков што Сиксерс немаа одиграно 56 години.

Џоел Ембид се врати по пауза од 13 меча со 35 поени, а Пол Џорџ даде 28 на камбекот по суспензијата од 25 меча и беа најзаслужни за најефикасната партија на Сиксерс од 1970 наваму. Со нив двајца вака разиграни, Филаделфија може да биде еден од најдобрите тимови на Истокот.

Супер ефикасна игра прикажа и Денвер, кој го совлада Далас со 142-135. Џамал Мареј даде 53 поени, што е негов сезонски рекорд, а Никола Јокиќ имаше 23 поени, 21 скок и 19 асистенции, негов 30-ти трипл-дабл сезонава. Така Нагетс станаа прв тим во историјата кој на ист меч имал играч со 50+ поени и трипл-дабл со по 15+ поени, скокови и асистенции.

Минесота со серија од 15-0 направи невиден пресврт за победа над Хјустон од 110-108 по продолжение (првите 13 поени во продолжението ги даде Рокетс, а потоа Шумските волци постигнаа 15 по ред без да примат кош), а екстра пет минути имаше и во Детроит, каде што домашните загубија од Атланта минимално со 129-130 и им заврши серијата од четири победи по ред.

ЛА лејкерс ја победи Индијана со 137-130 за 13-тата победа на последните 15 меча, а Лука Дончиќ со 43 поени стана првиот играч во НБА по Мајкл Џордан, кој на серија од шест гостувања по ред имал просек од над 40 поени по меч.

- Оглас -

Најнови вести