Во НБА лигата се одиграа шест натпревари, а посебно интересно беше на дуелот меѓу Феникс и Орландо на кој се радуваа домаќините и тоа по одигрување на дополнителни пет минути игра.
Првото полувреме во целост им припадна на гостите кои постојано имаа предност, која во еден момент изнесуваше и 12 разлика (51:39). На почетокот од третата четвртина Орландо водеше со 54:43, а потоа следуваше серија од 14:0 на Феникс за конечно домаќините да поведат.
Во последната четвртина Феникс водеше и со 91:80, а потоа и со 96:90 но Орландо не се предаде и стигна до 96:96, што беше знак дека мора да се играат дополнителни пет минути. Во продолжението следуваше нова драма.
Феникс водеше со 110:107, кога за само пет секунди Орландо креираше напад и постигна тројка за израмнување. На семафорот остана само 1,1 секунда до крајот, а домаќините откако побараа тајм-аут, нападот го започнаа од противничката половина.
И таа една секунда беше доволна за Грин да постигне тројка за победа.
Резултати: Феникс – Орландо 113:110 по продолжение, Њу Орлеанс – Филаделфија 126:111, Сан Антонио – Сакраменто 139:122, Мајами – Мемфис 136:120, Чикаго – Детроит 110:126, Њујорк – Хјустон 108:106.

