„Луди пенал-рулети“ ги одведе Франција и Шпанија во полуфиналето на Лига на нации

Ниту 120 минути игра во Париз и Валенсија не беа доволни да се дознаат полуфиналистите во Лига на нации, па пеналите мораа да решаваат на средбите меѓу Франција – Хрватска и Шпанија – Холандија. На крајот, се радуваа домашните селекции.

Франција со 2:0 ја доби Хрватска по 90 минути игра, колку што Коцкестите победија на првиот дуел во Сплит. Потоа немаше голови во дополнителните 30 минути, па мораа да се шутираат пенали.

Хрватите први шутираа и лошо почнаа, со промашување на Батурина. Потоа промаши и Ивановиќ во третата серија, но непрецизен беше и Кунде за Франција во третата серија. Во четвртата серија погодија двата тима, а во петата серија Тео Ернандес имаше пенал за победа, но го промаши целиот гол, па драмата продолжи.

Во шестата серија погодуваа и Хрватска и Франција, за да во седмата серија, Мајк Мињон го одбрани ударот на Станишиќ. Пеналот за победа на Франција го постигна Упамекано.

ЈАМАЛ ПРОМАШИ ПЕНАЛ, НО ШПАНИЈА СЕ РАДУВАШЕ

Драма беше и на „Местаља“ во Валенсија. Шпанија и Холандија играа 2:2 по 90 минути, ист резултат како на првата средба во Амстердам. Во дополнителните 30 минути двата тима погодија уште по еднаш за 3:3, па мораа пеналите да решаваат.

По првите три серии на драмата во Валенсија, погодуваа играчите на двата тима. Во четвртата серија Ланг ја погоди пречката во четвртата серија за Холандија, но потоа пеналот на Ламин Јамал го одбрани голманот на Лалињата.

Во петата серија беа прецизни играчите на двата тима, а клучна беше шестата серија. Ударот на Мален го одбрани Унаи Симон, а потоа Педри погоди за пласман на Шпанија во полуфиналето.

- Оглас -

Најнови вести