Лудило во Мадрид: Атлетико со гол во 90+5 се спаси од пораз во дербито кое 15 минути беше во прекин (Видео)

Атлетико Мадрид и Реал Мадрид одиграа 1:1 во мадридското дерби кое го одбележа осмото коло на Примера дивисион. Фудбалска лудница која траеше повеќе од два часа на „Ванда Метрополитано“ на крајот заврши со нерешен резултат.

По првото полувреме немаше голови, но потоа во второто полувреме се случи нешто што долго време ќе се памти.

Се играше 64 минута кога беше досуден слободен удар за Реал Мадрид. Кралевите одиграа уиграна акција, по која, Винисиус јуниор нафрли, а Едер Милитао остана осамен на втората статива и биеше силно и прецизно затресувајќи ја мрежата на Јан Облак.

Само две минути по голот на Реал, следуваше прекинот. Судијата досуди една топка за Реал, па следуваше жестока реакција од навивачите на Атлетико Мадрид. Мета на нападот беше голманот Тибо Куртоа (во минатото бранеше за Атлетико Мадрид).

По 15 минути прекин, дербито продолжи, а Атлетико Мадрид со сите сили тргна во напад да израмни.

Тоа се случи во 90+5 минута кога Кореа погоди за 1:1 и тоа откако прво голот беше поништен поради офсајд, но ВАР техниката покажа дека погодокот е регуларен.

По ова реми, Реал Мадрид остана на второто место на табелата со 18 бодови, три помалку од лидерот Барселона, додека Атлетико Мадрид е трет со 16 бодови.

- Оглас -

Најнови вести