Во „Цвајта“, како што ја нарекуваат Втората Бундеслига на Германија, се води жестока и неизвесна битка за промоција во елитата. Ситуацијата на табелата е крајно тесна – од првопласираниот Келн до седмопласираниот Кајзерслаутерн разликата е само пет бода, а и Карлсруе, осмиот на табелата, со заостанување од седум бодови, сè уште не е целосно отпишан.
Келн е моментален лидер со само бод повеќе од Хамбургер, додека зад нив следуваат Магдебург, Елверсберг, Падерборн и Фортуна Дизелдорф. Според правилата, првите две екипи директно се пласираат во Бундеслигата, додека третопласираниот тим оди во бараж со 16-та екипа од најсилната лига, а моментно тоа е Хајденхајм.
Она што дополнително го вжештува натпреварувањето е фактот дека фаворитите се во лоша форма. Во последното коло и Келн и Хамбургер загубија, а останатите претенденти за врвот одиграа нерешено, пропуштајќи шанса да направат исчекор.
За Хамбургер ова може да биде повторување на старата приказна – по испаѓањето од Бундеслигата во 2018 година, клубот не успева да се врати во елитата, често поради слаби резултати во завршницата на сезоната.
До крајот на овој шампионат во „Цвајта“ остануваат уште три кола.