Вардар направи сензација во Келн и со невиден пресврт ја совлада Барселона со конечни 29-27 за пласман во големото финале во Лигата на шампионите. Избраниците на Роберто Парондо направија фантастичен подвиг иако по првите 30 минути беа во негатива од седум гола, но Црвено-црните го добија вториот дел со 20-11 и покажаа дека се страв и трепет во ракометна Европа.
Македонскиот шампион во финалето ќе се сретне со Веспрем, кој претходно славеше против Кјелце со 33-30.
Барселона тргна фуриозно на почетокот со два гола, но ракометарите во црвено-црни дресови со сите сили се обидуваа да го одржат егалот. Неизвесно беше до 12-тата минута, кога Барса за првпат дојде до посериозна предност од 7-4. Во тие клучни моменти за Вардар, се разбрани Милосављев и не дозволуваше комплетен дебакл пред полувремето. На паузата Барса замина со сигурни +7 при резултат од 16-9, а во исто темпо ги отворија вторите 30 минути од средбата.
Убедливите седум гола негатива се чинеа недостижни за Вардарци, но српскиот голман, како и курпулентниот Криштопанс ја одржуваа во живот секоја тронка надеж за македонскиот првак. Пред влезот во последните 10 минути, по неколку последователни реализации на летонскиот џин Вардар се врати на -3, а Каталонците како да останаа без решение да ја пробијат одбраната на Вардарци.
Надежите комплетно се вратија кај ракометарите на Парондо по реализираниот пенал на Чупиќ за 26-24 на седум минути до крајот, а воедно македонскиот тим ја искористи и предноста со играч повеќе на теренот. Толку посакуваното израмнување се случи на почетокот од 27-та минута, Мораеш израмни на 26-26 и сите карти беа отворени.
Понесени од неизмерната поддршка од трибините, Вардарци веруваа во чудо и тоа се оствари. Криштопанс изнуди исклучување на еден играч на Барса кој воедно доби и црвен картон, па по голот за водство кој го постигна Карачиќ следуваше рапсодија во „Ланксес арената“.
Невозможната мисија, која на крајот се покажа дека е возможна, ја оствари Криштопанс за 28-26, па славјето можеше да почне.