Лудница во НБА: Индијана ја прегази Оклахома, навивачите се радуваа како да освоија титула (Видео)

Кошаркарите на Индијана славеа над Оклахома со 108:91 во последниот меч на домашен терен за оваа сезона. Со оваа победа на Индијана, кулминацијата во НБА-плејофот го достигнува врвот. Индијана израмни на 3:3 во победи и новиот НБА-првак ќе се одлучува во мајсторката, односно седмиот меч, кој ќе се игра на теренот на Оклахома.

Гостите од Оклахома само во почетните неколку минути беа во позитива. Поведоа со 10:2, но Индијана брзо се врати и поведе со 15:12. Од тој момент, па до крајот на средбата, Индијана не дозволи на противникот да го преземе водството.

Домаќините многу брзо стигнаа и до 28:20 и потоа првата двоцифрена предност ја имаа во втората четвртина, кога беше 45:33. На полувреме, Индијана водеше и со убедливи 22 поени предност (64:42), за еуфорија и голема радост на домашните фанови и играчи.

По три четвртини предноста стигна и до 30 разлика (90:60), што само даде дополнителен мотив кај домашните кошаркари дека е можно да направат чудо и во седмиот меч на гостински терен.

Дури шестмина играчи на Индијана постигнаа двоцифрен број поени, а најпрецизен беше Оби Топин со 20 поени, пред Немхард со 17 и Сијакам со 16 поени и 13 скока. На спротивната страна Шеј Гилџес-Александер беше најпрецизен со 21 поен, а Џелен Вилијамс додаде 16 поени.

По мечот, вистинско лудило се случи кај домашните навивачи, кои славеа како веќе да ја имаат освоено титулата, а не да се избориле за решавачки седми меч. Освојувачот на титулата во НБА-лигата ќе биде познат за три дена, кога ќе се игра седмиот меч, и тоа на теренот во Оклахома. Кој тим и да победи, тоа ќе биде историска прва титула.

- Оглас -

Најнови вести