Аријан Адеми и Стефан Ристовски одиграа одличен меч во Белгија и се радуваа на голема победа на Динамо Загреб против Генк со 3:0.
Особено добро за нас е што Адеми, кој е еден од клучните играчи на македонската репрезентација, одигра во негов стил, што е охрабрување за октомвриските квалификациски мечеви против Лихтенштајн и Германија, откако не настапи против Ерменија, Исланд и Романија поради повреда.
Адеми беше заменет во 64-тата минута, а Ристовски го одигра целиот меч што Динамо го доби убедливо со 3:0. Иванушец беше прецизен во десеттата минута, а потоа Петковиќ со два гола од пенал ја потврди првата победа на клубот од Загреб во Х групата од Лигата на Европа.
Успешно гостување имаше и вториот балкански гигант, Црвена ѕвезда, која победнички се враќа од Разград. Црвено-белите победија со 1:0 со голот на Гејлор Канга во 64-тата минута.
Победничкиот погодок на Канга можете да го погледнете ОВДЕ.
Од екипите од поранешна Југославија, вечерва од 21 часот играше и Мура, но во Конференциската лига на УЕФА и загуби со 5:1 од Тотенхем.
Тимот што ја елиминира Шкендија немаше сили да му се спротивстави на големиот фаворит во Лондон и го претрпе вториот пораз на меч на кој Хари Кејн постигна хет-трик.
Резултати, Лига на Европа: Генк – Динамо 0:3, Лудогорец – Црвена Ѕвезда 0:1, Селтик – Баер 0:4, Брага – Митјиланд 3:1, Ференцварош – Бетис 1:3, Лацио – Локомотив Москва 2:0, Марсеј – Галатасарај 0:0, Вест хем – Рапид 2:0.
Резултати, Конференциска лига на УЕФА: Базел – Каират 4.2, ФК Копенхаген – Линколн 3:1, Феенорд – Спарта Прага 2:1, Омонија – Карабах 1:4, ПАОК – Слован Братислава 1:1, Тотенхем – Мура 5:1, Унион Берлин – Макаби Хаифа 3:0, Витезе – Рен 1:2.