Луис Енрике: „Има еден дел од сезоната кој сите го сакаат – кога се освојуваат трофеите“

Тренерот на ПСЖ, Луис Енрике, во саботата изјави дека неговиот тим „се чувствува добро“ и дека играчите се „подготвени“ на крајот од сезоната повторно да освојуваат трофеи.

„Има моменти што сите играчи ги сакаат – тоа е делот од сезоната кога треба да се освојуваат трофеи. Се чувствуваме добро и фудбалерите се подготвени за завршницата“, изјави шпанскиот тренер три дена по пласманот во полуфиналето од Лигата на шампионите, каде противник ќе им биде Баерн Минхен.

„Не правиме ништо поразлично, се обидуваме да најдеме баланс со повредите, формата на играчите и нивната минутажа“, додаде тој.

Дезире Дуе, кој заработи полесна повреда на коленото во реваншот против Ливерпул, ќе биде во составот, додека Нуно Мендеш нема да настапи поради проблем со бутниот мускул и продолжува со тренинзи во сала.

„Дали сме посилни од минатата сезона? Не знам. Дали сме посилни или не е помалку важно – на ова ниво конкуренцијата е неверојатна“, одговори Енрике, додавајќи дека нема фаворит во пресметката со Баерн Минхен.

„Не е важно кој е фаворит, туку кој ќе го покаже своето ниво на теренот. Играме трет последователен полуфинален дуел и сме горди на тоа“, истакна тренерот.

- Оглас -

Најнови вести