Тренерот на Пари Сен Жермен, Луис Енрике, ја истакна улогата на навивачите кога тимот губеше со 0-2 против Монако и беше воодушевен од поддршката.
ПСЖ беше во нокдаун, по 18 минути губеше 0-2, потоа Витиња промаши пенал во 22-рата минута, а Дембеле беше принуден да го напушти теренот поради повреда во 27-мата минута. Но, фановите не престанаа да пеат и веќе до полувреме тимот од Париз изедначи на 2-2.
„Не само што сум среќен, туку сум апсолутно воодушевен. Боже мој, каква ноќна мора на почетокот! Тие двапати влегуваат во наша половина и постигнуваат два гола. Тоа ја поткопува самодовербата на секој играч и на секој тим. За 20 минути се гледате себеси како исфрлени од Лигата на шампионите. Но, успеавме да се вратиме во игра кога најмалку очекувавме“, призна Луис Енрике.
„Ние сме победнички тим. Го докажавме тоа минатата сезона. Сè уште сме многу млад тим и кога работите не одат по наша волја, не сме совршени, не сме машини. Би сакал да истакнам дека никогаш, ама баш никогаш не сум видел навивачка база како онаа на Пари Сен Жермен, ниту како тренер ниту како играч. Губевме со 2-0, а само нашите навивачи се слушаа. Им ја посветуваме победата затоа што без нив ќе беше невозможно“, додаде Шпанецот.

