Актуелниот француски првак Пари Сен Жермен, вечерва на својот стадион „Парк на принцови“ е домаќин на Брест, во меч од 19 коло на домашното првенство. Светците се лидери на табелата и тоа е нешто што е очекувано, но изненадување е фактот дека Брест е на третото место на табелата. Брест во минатата сезона заврши дури на 14 место во француското првенство, а сега е со одличен биланс од дури 10 победи, четири реми и само четири порази.
Тренерот на ПСЖ, Луис Енрике е претпазлив пред мечот и потенцира дека противникот е дојден во Париз за да победи.
„Брест има исклучително добар скор сезонава, како дома, така и на гостински терен. Има одлична одбрана и прима малку голови. Не случајно се трети на табелата. Тоа го заслужуваат. Статистиката им е одлична. Брест сигурно на овој меч ќе сака да победи. Наша цел е да му дадеме што е можно помалку опции на ривалот. Треба да бидеме подготвени уште од првиот судиски свиреж и да се обидеме во раната фаза од средбата да постигнеме погодок“, анализираше Енрике пред вечерашната пресметка, со која ќе се комплетира 19 коло на француското првенство.