Седумкратниот Формула 1 шампион, Британецот Луис Хамилтон, ќе го пропушти тестирањето на гумите на „Пирели“ со болидот на Ферари.
Отсуството на Хамилтон е поради здравствени проблеми со неговиот сакан 13-годишен булдог, Роско.
„Беа застрашувачки неколку часа. Ве молам, посакајте му на Роско добро здравје“, напиша Хамилтон на социјалните мрежи, заедно со фотографија од кучето во комора со кислород.
Кучето Роско кое има 1,3 милиони следбеници на Инстаграм, е во болница поради пневмонија, а било под седативи додека му правеле проверки и за време на тој процес неговото срце на кратко застанало.
„Успеаја да му го вратат отчукувањето на срцето и сега е во кома. Не знаеме дали ќе се разбуди. Утре ќе се обидеме да го разбудиме. Јас сум покрај него и сакам да ви се заблагодарам на сите за вашите молитви и поддршка“, напиша Хамилтон.
Хамилтон на тестовите ќе биде заменет од резервата на италијанскиот тим, Кинезот Џоу Гуанју.