Лука Дончиќ блескаше во победата на ЛА лејкерс во Тексас (Видео)

Кошаркарите на Лос Анџелес лејкерс славеа во „Тојота Центарот“ против Хјустон рокитс со 100-92, со што ја потврдија одличната форма и ја запишаа шестата последовна победа во НБА-лигата.

Сепак, по првото полувреме не изгледаше дека ќе дојдат до триумф. Од самиот старт сè играше изедначено, кош за кош, а во втората четвртина Хјустон направи разлика и на паузата замина со водство од 57-51.

Лејкерс потоа одиграа фантастично второ полувреме. Најпрво го свртеа резултатот во третата четвртина, а потоа со смирена игра го одржуваа водството до самиот финиш, кој помина без поголема драма.

Најдобар во редовите на ЛА лејкерс беше Лука Дончиќ со 36 поени, со што уште еднаш потврди дека моментално веројатно ја игра најдобрата кошарка во кариерата. Словенецот продолжи да испишува историја, со постигнувањето на својот 14.700-ти поен само на 27 години и 16 дена, се зацврсти на третото место на листата на најмлади играчи кои ја достигнале оваа бројка. Пред него остануваат само недостижните Леброн Џејмс и Кевин Дурант, кои тоа го направиле на 25-годишна возраст.

Дончиќ имаше поддршка токму од Леброн Џејмс, кој додаде 18 поени, додека кај Хјустон најефикасен беше Џабари Смит јуниор со 22 поени.

До 50-тата победа во сезоната стигна Сан Антонио спарс, откако во новата сала во Инглвуд ги совладаа Лос Анџелес клиперс со 115-119, предводени од Виктор Вембањама со 21 поен и 13 скока.

Резултати: Атланта – Орландо 124-112, Вашингтон – Голден Стејт 117-125, Бостон – Феникс 120-112, Бруклин – Портланд 95-114, Чикаго – Мемфис 132-107, Њу Орлеанс – Далас 129-111, Хјустон – ЛА лејкерс 92-100, ЛА клиперс – Сан Антонио 115-119.

- Оглас -

Најнови вести