Лука Дончиќ суспендиран, Детроит ја декласира Минесота (Видео)

Кошаркарот на Лос Анџелес лејкерс, Лука Дончиќ, е суспендиран откако ја заработи својата 16-та техничка грешка сезонава. Според правилата на НБА лигата, тоа автоматски значи суспензија од еден натпревар.

Словенецот ќе го пропушти следниот меч на неговиот тим против Вашингтон визардс, а ќе се врати во составот за дуелот со Кливленд кавалирс.

Дончиќ последната техничка грешка ја доби на натпреварот против Бруклин нетс, во кој постигна 41 поен. Иако претходно лигата еднаш му ја поништи 16-тата техничка грешка, овојпат тоа не се случи, па Дончиќ ќе мора да паузира против Визардс.

Инаку, Дончиќ е лидер во НБА лигата по бројот на технички грешки оваа сезона. Ист број има само Дилон Брукс од Феникс санс, додека на делба на второто место со по 12 технички се Дрејмонд Грин од Голден Стејт вориорс и Ајзеа Стјуарт од Бостон селтикс.

Една помалку има Џејлен Браун, исто така од Бостон.

Во ноќта меѓу саботата и неделата, кошаркарите на Детроит пистонс славеа над Минесота тимбервулвс на гости со 109-87.

Со овој пораз, Минесота заостанува две победи зад Денвер нагетс, со натпревар помалку, во битката за четвртото место на Западот пред плејофот.

Двете екипи настапија ослабени поради отсуството на клучните играчи, пред сè Кејд Канингем кај едната, односно Ентони Едвардс кај другата страна.

Сепак, малкумина очекуваа дека гостите од Детроит ќе ги декласираат Волците со дури 22 поени разлика, оставајќи ги без никаква надеж во текот на целиот натпревар.

Најзаслужен за убедливата победа беше Тобајас Харис со 18 поени, како и по четири скока и асистенции. Рон Холанд и Џенкинс постигнаа по 13 поени, додека Џејлен Дјурен забележа дабл-дабл со 10 поени, 13 скока и пет асистенции.

Кај поразените, Донте Дивинченцо постигна 22 поени, додека Руди Гобер додаде 14 поени и 12 скока.

Резултати НБА: Милвоки – Сан Антонио 95-127, Минесота – Детроит 87-109, Шарлот – Филаделфија 114-118, Атланта – Сакраменто 123-113, Мемфис – Чикаго 125-124, Феникс – Јутa 134-109.

- Оглас -

Најнови вести