27.8 C
Skopje
недела, 3 август 2025

Лука Дончиќ за следните три години во Лос Анџелес ќе заработи 165 милиони долари

Словенечкиот кошаркар Лука Дончиќ и официјално стави потпис на нов, тригодишен договор со Лос Анџелес лејкерс, вреден 165 милиони долари. Веста ја потврди самиот Дончиќ преку своите профили на социјалните мрежи. Со овој договор, тој нема да биде слободен агент следното лето.

Новиот договор ќе стартува од сезоната 2026/27, а Дончиќ ќе има играчка опција во летото 2028 година, што му овозможува слобода сам да одлучи дали ќе остане во ЛА лејкерс или ќе побара нова средина. Потписот, исто така, го прави подобен за нов петгодишен мега-договор вреден 417 милиони долари кој може да стапи на сила токму од 2028 година.

Со овој потег, Лејкерс обезбедија останување на една од најголемите ѕвезди во НБА за најмалку уште три сезони. Според проценките, при раст на платниот лимит од 7% годишно, вредноста на договорот ќе изнесува околу 160,8 милиони долари, но може да достигне до 165,3 милиони доколку лимитот скокне за максималните 10%.

Во своите први шест сезони во НБА (2018–2024), Дончиќ беше избран за руки на годината, петпати по ред учесник на Ол-стар и петкратен член на првата најдобра петорка во лигата. Во својата последна целосна сезона со Далас маверикс (2023/24), тој имаше просек од 33.9 поени (најдобар стрелец во лигата), 9.2 скока и 9.8 асистенции, завршувајќи трет во трката за МВП наградата.

Но, по поразот во финалето од Бостон селтикс, Дончиќ одигра само 22 натпревари за Маверикс. Сезоната ја започна со повреди, а нова мускулна повреда го натера да ја напушти божиќната пресметка против Минесота тимбервулвс, и оттогаш повеќе не се појави на теренот во дресот на Далас.

- Оглас -

Најнови вести