27.8 C
Skopje
понеделник, 14 јули 2025

Лука Модриќ е нов играч на Милан

Капитенот на хрватската репрезентација Лука Модриќ (39) официјално е нов фудбалер на Милан. Италијанскиот гигант ја потврди веста преку своите официјални канали, соопштувајќи дека по завршувањето на Светското клупско првенство, Модриќ ставил потпис на договор и му се приклучил на тимот.

За Модриќ, Милан ќе биде шести професионален клуб во неговата богата кариера. По минувањето низ младинската академија на Динамо Загреб, во 2003 година беше испратен на позајмица во Зрински од Мостар, а потоа една сезона настапуваше и за Интер Запрешиќ. Следните три сезони ги одигра за првиот тим на Динамо, по што во 2008 година замина во Тотенхем, каде што остана четири години пред да направи трансфер во Реал Мадрид.

Модриќ зад себе остава 13 незаборавни сезони во дресот на Реал Мадрид, каде се изгради како еден од најголемите фудбалери во историјата на клубот. Со Kралевите освои вкупно 28 трофеи, повеќе од кој било друг фудбалер што некогаш настапувал за клубот.

Неговото влијание не се мери само со бројот на освоени титули, туку и со лидерството на теренот и во соблекувалната, како и со статусот на симбол на доминацијата на Реал Мадрид на европската сцена. Во 2024 година, Модриќ стана капитен на Реал, највозрасен фудбалер во историјата на клубот и дел од „топ 10“ по број на настапи, со дури 597 официјални натпревари.

Сега, кон крајот на кариерата, Лука Модриќ ќе се обиде да остави свој белег и во Серија А, во дресот на Милан, клуб со подеднакво богата историја и амбиции за враќање на врвот на италијанскиот и европскиот фудбал.

- Оглас -

Најнови вести