Лука Трпевски на 15 години потпиша професионален договор со Црвена ѕвезда

Македонскиот фудбал доби нова причина за гордост. Лука Трпевски, 15-годишен талент од средниот ред, денеска официјално потпиша професионален договор со српскиот фудбалски гигант Црвена ѕвезда. Со овој потпис, Трпевски стана најмладиот македонски играч што потпишал професионален договор со белградскиот клуб.

„Многу ми значи овој професионален договор. Сакам да им се заблагодарам на клубот за шансата. Се чувствувам прекрасно. Мојот сон од мал е еден ден да истрчам на теренот на стадионот ‘Маракана’ во првиот тим на Црвена ѕвезда“, изјави Лука Трпевски.

Лука е дел од младинскиот погон на Ѕвезда веќе две години, а претходно настапуваше за Македонија ЃП и Вардар. Тој игра за пионерската екипа на Црвена ѕвезда, која е шампион во својата возрасна категорија, но веќе настапува и со играчи родени во 2009 година, што сведочи за неговата напредна фудбалска зрелост и талент.

Директорот на младинската школа на клубот, Никола Јелиќ, изјави:

„Голем број клубови беа заинтересирани, но ние сме најголем клуб во регионот и успеавме да го задржиме. Има одлична техника, шут и се надевам дека ќе го покаже сиот талент во нашиот клуб и ние ќе имаме бенефит од него.“

Со ваков развој на кариерата и поддршка од клубот, Трпевски има шанса да стане следниот голем фудбалски производ од Македонија, кој ќе остави белег на регионалната, па и на европската сцена.

- Оглас -

Најнови вести