Хрватскиот ракометар Лука Циндриќ е пред трансфер во Барселона, а тоа го потврди и претседателот на Кјелце, Бертуш Сервас. Според првиот човек на полскиот клуб, преговорите се во завршна фаза, и викендов може да дојде до успешно завршување на преговорите, и ќе се постигне договор.
„Лука е среќен кај нас, но уште како мал сакал да игра во Барселона. Тешко е да се одбие таква понуда, но имам чувство дека еден ден, Лука ќе ни се врати“ – вели Сервас.
Во Барса, некогашниот играч на Вардар би бил наследник на легендата Раул Ентрериос, а Кјелце би добил обештетување од 500.000 евра. Интерес за Циндриќ имало и од ПСЖ, но пресудила љубовта на Лука кон каталонскиот гигант.
Ако дефинитивно останат без Циндриќ, во Кјелце повторно би купиле Хрват на позицијата среден бек, и тоа Игор Карачиќ кој уште е член на скопските „црвено-црни“, но викендов на финалниот турнир од ЛШ во Келн, ќе се прости од македонскиот шампион.