Фудбалерот на Вест хем, Лукас Пакета, планира да покрене судски постапки против Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) откако беше целосно ослободен од сите обвиненија за вмешаност при обложување, полуларно наречено „спот-фиксинг“.
Адвокатите на 28-годишниот Бразилец моментно ги разгледуваат сите опции, потврдија извори за Би-би-си спорт.
Во мај 2024 година, Пакета беше обвинет од ФА дека намерно добивал жолти картони со „незаконска цел да влијае на пазарот за обложување“. Подоцна, во јули 2025 година, независна комисија го ослободи од сите четири обвиненија.
Во мотивите објавени во средата се доведува во прашање одлуката на ФА да не користи независни експерти при анализа на клучните податоци поврзани со обложувањето. Истрагата против Пакета започна уште во август 2023 година, девет месеци пред официјалните обвиненија. Неговото објавување тогаш доведе до пропаѓање на трансферот во Манчестер сити вреден 80 милиони фунти.
Комисијата истакна дека и играчот и Вест хем можеле да изгубат „значителни суми во десетици милиони фунти“ и нагласи дека „и играчот и клубот го задржуваат целосното право“ во овој случај.
ФА потврди дека нема да се жали на решението, но засега одбива да коментира можност за судски тужби од Лукас Пакета и од клубот Вест хем.