3.8 C
Skopje
среда, 28 јануари 2026

Лукас Пакета се враќа во Фламенго во најскап трансфер во историјата на бразилската лига

Ѕвездата на Вест хем, Лукас Пакета, постигна договор за враќање во својот матичен клуб Фламенго, во трансфер што ќе го направи најскапиот фудбалер во историјата на бразилската Серија А. Бразилскиот играч од средниот ред ќе потпише петгодишен договор и веќе денес треба да отпатува за Бразил, што значи дека го одиграл својот последен натпревар во дресот на лондонскиот клуб.

Вест хем ја прифати понудата по директен контакт со спортскиот директор на Фламенго, Жозе Бото, по што трансферот влегува во завршна фаза.

Преговорите меѓу двата клуба траеја подолго време, но сега е постигнат конечен договор. Фламенго ќе плати околу 42 милиони евра за 28-годишниот Пакета, со што ќе биде урнат досегашниот рекорд во бразилската лига.

Поранешниот играч на Милан, Лион и Вест хем силно инсистирал на враќање во татковината, поради што тренерот Нуно Еспирито Санто во последните недели ретко го користеше додека се чекаше разврската.

За да ја задржи финансиската стабилност, Фламенго ќе ја исплаќа сумата на рати, при што, според бразилските медиуми, плаќањата ќе траат до 2028 година.

Пакета ја започна кариерата токму во Фламенго и по осум години во Европа се враќа дома. Со овој трансфер е надминат претходниот рекорд на Крузеиро, кој го донесе Жерсон од Зенит за 27 милиони евра, како и трансферот на Витор Роке во Палмеирас од Барселона за 25 милиони евра.

Се очекува Пакета брзо да се приклучи на тимот и би можело да настапи веќе во неделното финале на бразилскиот Суперкуп против Коринтијанс.

- Оглас -

Најнови вести