Србинот Љупко Петровиќ мирно може да ги нарече синови три четвртини од тренерите на тимовите од третиот круг квалификации за Лигата на Европа. Петровиќ, кој во 1991 година со Црвена ѕвезда стана европски првак, ја води ЦСКА Софија и има 72 години, а ниту еден друг од останатите клубови кои учествуваа во квалификациите нема тренер со наполнети 70 години.
Најблиску до возраста на Љупко е тренерот на белгискиот Антверпен, Ласло Болоњи, кој има 66 години. Унгарецот трета сезона е на клупата на овој тим. Шеесет години имаат наполнето уште тројца.
Од друга страна, под 40-годишна возраст се тренерите на шест клуба: БАТЕ Борисов, Легија Варшава, Слован Братислава, Хапоел Беер Шева, Тун и Глазгов ренџерс. Најголем дел, речиси 60% од тимовите, имаат тренери на возраст од 40 до 50 години.