Екипата на Лутон ќе игра во финалето од плејофот за пласман во Премиер лигата откако вечерва со 2:0 славеше над Сандерленд во реваншот од полуфиналето. По првиот дуел, Сандерленд победи со 2:1, но Лутон со триумфот од 2:0, оди во големото финале со вкупен резултат од 3:2.
Уште во првото полувреме Лутон не само што успеа да ја анулира негативата, туку и стигна до посакуваниот резултат. Ошо погоди за 1:0 во десеттата минута, а пред крајот на првиот дел, Локер зголеми на 2:0.
Лутон во финалето ќе го чека подобриот од двомечот меѓу Мидлсборо и Ковентри. Првиот меч на овие два тима заврши без голови, а во реваншот Мидлсборо ќе ја има предноста на домашен терен.
Победникот во финалето на плејофот за пласман во Премиер лигата ќе заработи најмалку 200 милиони фунти, а таа сума може да биде и многу поголема зависно од резултатите во следната сезона. Токму затоа, овој меч, финалето во плејофот на англискиот Чемпионшип, е највредниот фудбалски меч во светот.