По многу неизвесност, Лионел Меси повторно се врати на тренинг на Барселона. Аргентинецот кој целата кариера ја помина во каталонскиот гигант, пред 20-тина дена посака да си замине. Недоразбирање со управата, но и најавите дека ќе ги загуби привилегиите кои досега ги имаше, беше причина за Меси да посака да си замине од неговиот омилен клуб.
Речиси две недели траеше неизвесноста дали по речиси две децении лојалност, Меси ќе си замине или не. На крајот, од Барселона рекоа дека Лео може да си замине ако некој плати неверојатни 700 милиони евра, сума која секако никој не може да си дозволи да ја исплати. Самиот Меси во интервју ја објасни целата ситуација и откри дека никогаш не би сакал да оди на суд против Барселона, па затоа и ќе остане.
Попладнево, Меси за прв пат по почетокот на подготовките за новата сезона, се појави во комплексот на Барселона и беше дел од тренингот.