Средниот блокер Филип Маџунков ќе му биде на располагање на селекторот Јошко Миленкоски за престојните квалификациски дуели со Грција и Грузија за пласман на Европското првенство 2026. Неговото име е меѓу 16-те кои треба да се појават на 17 јули на стартот на подготовките во Маврово.
Маџунков ја пропушти првата летна акција на репрезентацијата поради интервенција на коленото, но по успешната санација на проблемот и процесот на рехабилитација, тој се враќа во игра.
Селекторот Миленкоски не направи никакви промени во списокот. Одбојкарите кои ги имаше на располагање за настапот во Европската златна лига 2025 се негов избор и за евроквалификациите.
Репрезентативците од редовите на шампионот Струмица 47&72, како и освојувачот на Купот, Штип УГД, заедно со интернационалците – браќата Ѓоргиеви, Љафтов, Савовски, Костиќ, Илиев и Ефремов ќе го понесат товарот во дуелите со Грција и Грузија, преку кои Македонија го „брка“ настапот на четвртиот континентален собир во низа.
Подготовките на репрезентацијата стартуваат на 17 јули (четврток) напладне во Маврово, каде што екипата ќе мине десет дена. Од 28 до 30 јули Македонија ќе одигра пријателски натпревар со Бугарија во Софија, како прва проверка на силата. Потоа темпирањето на формата го продолжува во Скопје, во СЦ „Борис Трајковски“, каде што од 5 до 7 август ќе се одржи 49-тото издание на меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“, на кој покрај Македонија, ќе учествуваат и репрезентациите на Бугарија и Швајцарија.
Квалификацискиот дуел со Грција, нашите одбојкари го играат на 13 август во Атина, додека последниот натпревар од циклусот за Еуроволеј 2026 Македонија го игра на 17 август, во 20 часот, во салата „Борис Трајковски“ во Скопје против Грузија.