Македонскиот кошаркарски репрезентативец Андреј Магдевски (23) и во периодот кој следува ќе ја има улогата диригент на играта на МЗТ Скопје Аеродром откако денеска го продолжи договорот за следните две сезони.
Станува збор за плејмејкер кој иако млад по возраст, сепак има собрано големо искуство кое и тоа како ќе му биде од помош на тренерот Ѓорѓи Кочов. Магдевски имаше забележителен настап во минатата сезона, во која дојде до првиот шампионски пехар во кариерата, во чие освојување имаше навистина голем придонес. Од клубот велат дека работат на подолги патеки и затоа ангажираат играчи кои се и иднината на македонската кошарка.
Магдевски ја мина младинската школа на Реал Мадрид, потоа извесен период настапуваше за Партизан, по што се врати во Македонија, каде што пред настапот за Гостивар, од каде што дојде кај нас, пред почетокот на минатиот шампионат две сезони играше за Фени индустри. Во 2012 година доби привилегија да биде дел од кампот на Мајкл Џордан, прво во Лондон, каде што беше меѓу најдобрите, а потоа и во американскиот град Шарлот.
Минатата сезона тој настапи на 26 средби во АБА2-лигата со просек од 4,9 поени, 2,7 скока и 2,7 асистенции, додека во домашното првенство на 34 средби просечно реализираше 8,8 поени заедно со 3,7 асистенции и 3,1 скокови. Тој е вториот Македонец по капитенот Дамјан Стојановски кој ја продолжи соработката со Металците.