Магдевски се врати во јатото на Штрковите и пак ќе ја организира играта на шампионите

Македонскиот репрезентативец Андреј Магдевски повторно ќе го носи дресот на МЗТ Скопје откако денеска потпиша нов договор со актуелниот првак со важност за следните две години.

Ова значи враќање на 26-годишниот бек во Аеродром по едногодишниот настап во Романија.

Магдевски претходно три сезони беше главниот плејмејкер на популарните Штркови од Аеродром со кои дојде до две шампионски титули  во 2019 и во 2021 година, а беше избран и за МВП на финалната серија во сезоната 2020/21.

Претходно Андреј мина низ младинските категории на Реал Мадрид, беше дел од кампот на Мајкл Џордан, а настапуваше и за Партизан.

Магдевски е деветтиот кошаркар со кој во моментов располага тренерот Александар Петровиќ.

Со него во ростерот се Дамјан Стојановски, Адем Мекиќ, Бојан Крстевски, Дамјан Робев, Американците Бре Ајви, Мајк Кафи и Еван Максвел, како и српскиот интернационалец Страхиња Миќовиќ. Тука се и талентираните Димитар Иванов, Бојан Величковски и Марко Спасовски.

 

- Оглас -

Најнови вести