Жоан Лапорта направи магичен маркетиншки трик и со еден билборд што го чини околу 40 илјади евра, успеа да се наметне како најсериозен кандидат за претседател на Барселона.
Интересно е што рекламата што го чини 40 илјади евра е на стотина метри од „Сантијаго Бернабеу“ стадионот на Реал Мадрид, кој е вечен ривал на Барселона.
Голем дел од навивачите на каталонскиот клуб го критикуваа потегот на Лапорта, но анкетите покажуваат дека тој рапидно напредуваше и сега е топ-кандидат за нов претседател на клубот.
„Ова не е провокација, туку поздрав за најголемиот ривал во знак на почит. Едвај чекам да играме против Реал Мадрид. Мојот проект е јасен, треба, пред сè, да го задржиме Лео Меси. Близок сум со него, никогаш не сум ги изневерил неговите очекувања кога бев претседател на Барселона и сè што ветив, исполнив. Затоа верувам дека Меси ќе остане во Барселона. Не му се важни парите, најважно е дека бескрајно го сака клубот, а јас имам план како да го задржиме во Барселона.
Многумина сметаат дека Барса не е во ситуација да ризикува, туку и треба проверен кадар за нов претседател во услови кога клубот е во голема финансиска криза и најголеми шанси му даваат на Лапорта.
Тој беше прв човек на клубот од 2003 до 2010 година и во неговиот мандат Барселона освои 12 титули, меѓу нив 4 во Ла Лига и два пехари во Лигата на шампионите.
Изборите за нов претседател на Барселона ќе се одржат на 24 јануари, а главни кандидати се токму Лапорта и Виктор Фонт.