Магичната ноќ од Истанбул кога чудото наречено Ливерпул стана европски првак (Видео)

Низ историјата на фудбалот се случувале многу неверојатни пресврти, но секако еден од оние кои засекогаш ќе се памтат е финалето од Лигата на шампиони во 2005 година. Истанбул беше домаќин на Милан и Ливерпул, два клуба кои се со огромна традиција и голем број на освоени трофеи. Тоа беше доволна најава дека ќе има спектакл. Така и беше.

Капитенот на Милан, Паоло Малдини уште во првата минута најави дека ќе има многу голови и ги доведе Росонерите во водство. До крајот на првиот дел Ернан Креспо два пати успеа да го матира голманот на Ливерпул, Јиржи Дудек, па на полувреме, италијанскиот гигант водеше со 3:0.

Во финалињата на историјата на Лигата на шампионите никогаш претходно, а и потоа се немаше случено еден тим кој губи со 3:0 на полувреме да успее да се врати. Сепак, Ливерпул не се предаде. Во второто полувреме следуваа магични шест минути за англискиот тим. Џерард во 54 минута го најави чудото, а потоа погодија и Шмицер и Алонсо, па веќе во 60-тата минута, на семафорот стоеше 3:3!

Во продолжение на мечот немаше погодоци, па се играа дополнтелни 30 минути. Тогаш Дудек ја забележа една од најневеројатните одбрани кога иако беше паднат, му го одбрани шутот на Андриј Шевченко од само два метри од голот.

„Уште 10.000 пати да се најдам во таква шанса Дудек нема ниеднаш да ми одбрани. Сепак, одбрани токму кога требаше. Никогаш не успеав да сфатам како тоа не беше гол“, се сеќава Шевченко на пропуштената шанса.

Таа одбрана на Дудек како да беше најава за неговото шоу во пенал-рулетот.

Полскиот голман ги одбрани ударите на Андреа Пирло и Шевченко, а Сержињо го промаши целиот гол, па Ливерпул на крајот го комплетираше чудото и победи со 3:2 на пенали, искачувајќи се на европскиот трон.

 

- Оглас -

Најнови вести