Кошаркарите на Кливленд кавалирс го „исчистија“ Мајами хит со серија од 4-0, покажувајќи надмоќ во дуелот со ривалот.
Кливленд и во синоќешниот натпревар ги разби своите противници славејќи со 138-83, што е неверојатна разлика од 55 поени. Инаку, Кливленд беше доминантен во секој натпревар од серијата. Почнаа со победа од 21 поен разлика, вториот натпревар го добија „само“ со девет, третиот со 37, а синоќа со четвртиот меч влегоа во историјата.
Вкупната разлика низ целата серија изнесуваше 122 поени, што ја прави оваа серија најубедливата во историјата на НБА-плејофот. Претходниот рекорд го држеа ЛА лејкерс од 1986 година, кога серијата ја завршија со +109 поени разлика во четири натпревари.
Мичел со 22 постигнати поени и Хантер со 19 поени беа најдобри во редовите на Кливленд, додека Јовиќ во дресот на Мајами го одигра натпреварот на сезоната со 24 уфрлени кошеви.
Многу понеизвесно беше на дуелот помеѓу Голден стејт вориорс и Хјустон рокитс, каде што домаќините славеа по драма со 109-106 и поведоа со 3-1 во серијата.
Гостите водеа на полувремето, но пресуди одличната трета четвртина на Голден стејт, во која направија пресврт и ја задржаа предноста до самиот крај.
Батлер со 27 поени и Подѕемски со 26 поени беа најдобри кај Голден стејт, додека на Хјустон не му помогна ни одличната партија на Сенгјун, кој заврши со 31 поен и 10 скока.
Резултати: Мајами хит – Кливленд кавалирс 83-138 (0-4 во серијата)
Голден Стејт вориорс – Хјустон рокетс 109-106 (3-1 во серијата)