Мајкл Џордан ќе биде стручен коментатор на НБА-натпреварите

Легендата на светската кошарка и на НБА-лигата и еден од најголемите спортисти на сите времиња, Мајкл Џордан, од следната сезона ќе се појавува во сосема нова улога, како стручeн коментатор на НБА-натпреварите за американската телевизија „Ен-би-си. Веста ја потврдија бројни релевантни американски медиуми.

Џордан, кој има 62 години, е шесткратен НБА-шампион со Чикаго булс и член на Куќата на славните. По завршувањето на играчката кариера, тој беше сопственик на клубот Шарлот хорнетс, но досега никогаш не се појавил во улога на коментатор. Вели дека со нетрпение ја очекува новата позиција.

„Преносите од НБА-натпреварите на „Ен-би-си“ беа значаен дел од мојата кариера. Затоа се радувам на оваа посебна улога што ќе ја имам во овој проект“, изјави Џордан.

„Ен-би-си“ по пауза од 23 години повторно ги откупи правата за пренос на НБА-натпревари, и тоа за период од 11 сезони. Оваа телевизија беше долгогодишен партнер на НБА токму во 90-тите години, кога Џордан и Чикаго булс доминираа со две трикратни титули (1991–1993 и 1996–1998).

Ангажманот на Џордан се смета за голем потег кој ќе донесе дополнителен интерес и гледаност на натпреварите, особено кај помладата публика која го знае како спортски симбол, но не го гледала во живо.

Првиот настап на Џордан во оваа нова улога се очекува на стартот на сезоната 2025/26.

- Оглас -

Најнови вести