Реал Мадрид го претрпе првиот пораз во Ла Лига на гостувањето кај Мајорка со минимални 1-0. Кралевите беа безидејни против повратникот во шпанската елита, а не успеа ниту експериментот на Зидан да ги стави Јовиќ и Бензема во нападот принудно поради отсуство на неколку важни играчи.
Голот кој им пресуди на Кралевите го постигна Јуниор Лаго уште во седмата минута од мечот, а домаќините уште еднаш ја затресоа мрежата на Куртоа преку Будимир, но погодокот не беше регуларен поради офсајд позиција. Најголемата шанса за израмнување ја имаше Бензема во првото полувреме, но неговиот удар заврши во гредата, па резултатот остана непроменет.
Македонскиот репрезентативец Александар Трајковски доби шанса да игра против големиот Реал во последните десетина минути од мечот, заменувајќи го токму стрелецот на единствениот погодок Лаго, кој мораше да излезе поради повреда.
Реал со овој пораз му препушти првото место на Барселона на табелата, Каталонците имаат еден бод повеќе од нивниот ривал по девет кола. Мајорка нанижа две победи и со 10 бода направија подвиг до 14-тото место.
https://www.youtube.com/watch?v=AKzniWm_Dn0