Кевид де Бројне оствари рекорд на овие квалификации за ЕП 2020 во неговото шоу против Шкотска. Ѕвездата на Манчестер сити во улога на капитен ги предводеше Белгијците со три асистенции и погодок во победата од 4-0 и со тоа стана првиот фудбалер кој остварил хет-трик со асистенции во овие европски квалификации.
Де Бројне диригираше на теренот, а шкотските фудбалери немаа начин како да го спречат. За трите асистенции му беа потребни 23 минути. Де Бројне прво во деветтата минута од мечот го проигра Лукаку, а потоа ги намести Алдервејрелд и Вертонген да се запишат во листата на стрелци во 24-тата и 32-рата минута.
За конечниот резултат се погрижи самиот во 82-рата минута, Де Бројне со фантастичен удар со послабата лева нога го најде патот до мрежата на Маршал. Погледнете го неговото генијално издание кое на Белгија ѝ донесе „шест од шест“ во овие квалификации и максимални 18 бода.