5.8 C
Skopje
понеделник, 29 декември 2025

Македонецот самиот себе си е најголем непријател

Изборот на Гоце Седлоски за нов селектор ја зовре крвта кај многумина, а кулминира со јавното излагање на поранешниот селектор Игор Ангеловски. Само неколку часа по наименувањето на Седлоски за селектор, популарниот Мрме преку социјалните мрежи жестоко реагираше, имаше порака за „фудбалските стаорци“, а новиот селектор го нарече „ни риба ни девојка“.

Ова секако дека беше неочекувано од некој кој знае како е да се биде селектор, од некој кој знае колку треба да се добие поддршка, посебно на почетокот, кога се доаѓа на чело на репрезентацијата.

Кога Ангеловски дојде на чело на Македонија, најголемата помош и поддршка ја доби од Горан Пандев. Ангеловски тогаш во првиот работен ден како селектор замина во Италија и побара од Пандев да се врати во репрезентацијата. Со Ангеловски како селектор, а Пандев како капитен на теренот, Македонија обезбеди прв историски пласман на Европското првенство. Едноставно, тие беа тандемот кој ја водеше Македонија од клупата и на теренот и заедно гушнати се радуваа на тој успех.

Сега, само четири години подоцна, Мрме започна кавга, Пандев возврати и ја продолжи, па сега „очи не може да си видат“ и се препукуваат преку социјалните мрежи. Додека тие се препукуваат, многумина се чудат како е тоа можно, до вчера заедно „гинеа“ за Македонија, сега пред цела македонска јавност се караат.

Едноставно, тоа е недозволиво, но кога Македонија е во прашање, не еднаш се рекло дека Македонецот самиот себе си е најголем непријател. Сигурно дека и да имало недоразбирања, сето тоа можело да се реши на некој многу подруг начин, а не обичните навивачи да се чудат и да коментираат како е можно „овие двајца кои заедно се радуваа, славеа и ја одведоа Македонија на ЕП, сега вака жестоко си одговараат“. Во целата расправија и преписка потоа се вклучија и претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, Николче Новески и Илија Најдоски.

Седлоски ја доби довербата да биде селектор, секако дека на секој треба да му се даде поддршка кога започнува нешто ново. Така беше и кога Ангеловски започнуваше и доби поддршка од Пандев. Сега Седлоски во составот нема играч како што беше Пандев, но секако дека со сплотеност, верба, храброст и многу борба, може да се случи Македонија на 26 март во Копенхаген да ја изненади Данска и да дојде до чекор од пласман на СП 2026.

И за крај, доста беше „отровни стрели“ од двете страни. Мора да се направи позитивна атмосфера, мора да се работи за доброто на македонскиот фудбал и мора да се надеваме дека нашата репрезентација конечно може да дојде до остварување и на вториот голем сон, а тоа е пласман на Светско првенство.

Минатата недела, додека траеше целото тоа „шоу и преписки“ околу изборот на Седлоски за нов селектор, се случи еден трагендија за макфудбалот. На 70-години почина легендарниот Васил Рингов, човекот кој беше еден бренд на една голема генерација на македонскиот фудбал.

Рингов замина, но ќе останат неговиот лик и делото. Во знак на почит, од ФК Вардар најавија дека засекогаш ќе го повлечат од употреба дресот со бројот 11 кој го носеше Рингов, а ќе започнат и иницијатива Јужната трибина на арената „Тодор Проески“ да го носи името и презимето на овој фудбалски великан.

- Оглас -

Најнови вести