Македонија блеска во најубавиот фудбалски циклус во нашата историја како независна земја, а сега имаме историска шанса една петолетка од 2017 до 2022 година да ја завршиме со страшен ефект и успех, со настап на две Европски и едно Светско првенство.
Таму кај што вечно сонце сјае, таму е Македонија, пее незаборавниот Дадо Топиќ, а сега на безвременскиот музички хит може слободно да се додаде и фудбалска нота. Да, Македонија е таму каде што пет-шест години се игра и светски фудбал.
Фудбалскиот свет повторно во суперлативи говори, пишува, раскажува и се чуди на неверојатните успеси на една толку мала земја, која стана пример за чудните подвизи во најважната споредна работа на светот.
Ги здрмавме со елиминацијата на моќната Франција во групата на смртта во квалификациите за младинското ЕП, на кое се пласиравме во 2017 година. Со бајките продолживме со победа против Грузија и пласман на првото сениорско Европско првенство, па го приредивме најголемото изненадување во овој милениум во квалификациски циклус за големо натпреварување со триумф против Германија на теренот на четирикратниот светски првак во март годинава, следуваше настап на ЕП и сега се надеваме, веруваме и посакуваме и настап на прво Светско првенство.
На два чекори сме до нов историски успех и пласман на прво Светско првенство, тоа во Катар што ќе се игра идната година.
Каков подвиг би биле две победи во дополнитените баражи за пат кон Катар, можеме само да си замислиме. Фудбалска бајка од невидени размери, грозница што ќе ја грее и ќе ја тресе Македонија долг период, нешто што порано само го сонувавме, но беше далечна реалност.
Сегашната генерација не ги заборава и своите претходници, Македонија имала одлични фудбалери и во минатото, но Барди, Елмас, Столе, Даре, Џани, секако и неповторливиот Горан Пандев и сите што учествуваа во фудбалската обнова на Македонија се модерните спортски јунаци што го кренаа духот на народот, без оглед на верска, расна, политичка, идеолошка, социјална припадност и категорија.
Клучот на успехот со најубави зборови го опиша сегашниот капитен на репрезентацијата Стефан Ристовски, а на дело го презентираат сите македонски репрезентативци.
Во националниот тим, пред сè, владее нескротлива желба за успех, има екстра-квалитет и сплотеност, што е пример за сите во една мала држава со голем сон конечно да се игра на Светско фудбалско првенство.
Патот останува тежок, иако има само два чекори. Македонија ќе биде аутсајдер во баражите, ние сме во групата на шест репрезентации што нема да бидат носители, ќе има тука ривали од самиот крем на европскиот фудбал, но и такви веќе сме победувале.
Падна Германија, паднаа и моќните млади Галски петли, имаме впечатливи настапи и дуели со европскиот првак Италија, големи победи во психолошки тешки мечеви со Грузија, Исланд, Ерменија…
Имаме мотиви до небо, поткрепени со квалитет, со светски успешна фудбалска приказна, а најважната споредна работа на светот затоа и го носи епитетот, чуда се случуваат, фаворити и аутсајдери има само на хартија. Македонија тоа го докажа и иако е аутсајдер, сега е во позиција да се надева на блесок во два баражи што ни носат успех кој вечно ќе го паметиме.
Јунаците ќе бидат подготвени, март ни е среќен месец, а Македонија дотогаш ќе трепери, ќе комбинира, ќе се надева, ќе се радува на незаборавната фудбалска петолетка што можеме да ја заокружиме со светски успех и со настап на Мундијалот во Катар идната година.