Македонската репрезентација денеска од 18 часот го игра клучниот натпревар од групната фаза на Мундијалот во Германија и Данска, а решавачкиот дуел за пласман во следната фаза против Исланд ќе го судат Швеѓани.
ИХФ ги одреди Мирза Куртагиќ и Матијас Ветервик, кои досега делеа правда во групата во Берлин, но беа повикани на „специјална задача“ во Минхен.
Куртагиќ и Ветервик судеа на мечевите Бразил – Франција (22:24), Русија – Германија (22:22) и Србија – Кореја (31:29), а малку е чудно како шведски арбитри се делегираат за важен меч на кој игра ним блискиот Исланд.
Победа ја носи Македонија во фазата на топ 12, без пренесување на бодови, а тоа важи и за Исланд. Ако одиграме реми или загубиме, ќе се бориме за пласман од 13-тото до 16-тото место.