Најпрестижниот одбојкарски турнир во Македонија, Меморијалот „Бранко Хаџииљоски – Чајка“, ќе го има своето 49-то издание од вторник до четврток во спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје, со учество на три репрезентации.
Освен Македонија, на Меморијалот ќе учествуваат и селекциите на Швајцарија и Бугарија, а турнирот ќе биде ставен во функција на подготовките на нашите најдобри одбојкари за клучните натпревари од квалификациите за пласман на Европското првенство.
Меморијалот ќе биде отворен во вторник со мечот помеѓу Македонија и Швајцарија во 17:45 часот, следниот ден ќе играат гостинските селекции, додека во четврток е дуелот на Македонија и Бугарија со почеток во 19 часот.
Меморијалот се игра во чест на основоположникот на тетовската одбојка, Бранко Хаџииљоски – Чајка, а за првпат се организираше во далечната 1975 година. Најтрофејна екипа е скопски Работнички со 12 пехари, следува Вардар со осум, додека Југохром петпати се радувал на трофејот.