Македонската фудбалска репрезентација до 19 години, предводена од селекторот Ерхан Селими, забележа одлична победа на гостински терен, совладувајќи ја Црна Гора со убедливи 2-4 во вториот пријателски натпревар меѓу двете селекции.
Во дуел во кој нашите млади репрезентативци имаа далеку повеќе од играта, Македонија постигна четири погодоци, доминираше на теренот и целосно заслужено се радуваше на овој извонреден триумф.
Серијата голови за нашата селекција ја отвори фудбалерот на Вардар, Емир Шаботиќ, во првото полувреме. Откако домаќините успеаја да израмнат, Македонија повторно поведе со гол од пенал на членот на Црвена ѕвезда, Горазд Ристовски.
Црна Гора повторно израмни на 2-2, но по голема грешка на домашниот голман, Адмир Љафити донесе ново водство за Македонија. Истиот играч со прекрасен соло продор и прецизен удар го постави конечниот резултат, 2-4 во корист на нашата селекција.
Првиот пријателски натпревар меѓу овие две репрезентации заврши без голови, 0-0.