Макдонската фудбалска репрезентација загуби во Скопје од Грузија со 0:3, во меч од третото коло во Лигата на нации. Трите гола во второто полувреме на гостите беа повеќе од доволни за Грузијците со високо кренати раце и три освоени бода да си заминат од арената „Тодор Проески“.
По овој пораз, Македонија остана со само четири бода од три меча, додека Грузија е перфектна и со девет бода од три средби е убедлив лидер во групата и секако голем фаворит за освојување на лидерската позиција и по завршување на сите мечеви.
Во првото полувреме Македонија рамноправно се држеше, па дури и имавме три шанси, две преку Елмас и еден шут на Трајковски, но не погодивме. Само што започна второто полувреме, Грузијците го засилија темпото и тоа резултираше со погодоци.
Во 52 минута по една одлична брза акција на гостите, Зивзадзе погоди за 1:0. Тој гол може да го видите ТУКА.
Гостите не се задоволија само со еден погодок и продолжија да напаѓаат, а нивната нова радост беше во 62 минута. Кваратскелија со прекрасен шут од 25 метри го матираше Димитриевски за 2:0, а тој гол може да го видите ТУКА.
До крајот на мечот, Грузија погоди и по трет пат и тоа преку Китеишвили во 84 минута.