Некогашниот тренер на Црвена ѕвезда, Црногорецот Миодраг Божовиќ, ќе го преземе селекторското кормило на македонската фудбалска репрезентација, пишуваат дел од српските медиуми.
Според најавите, Божовиќ, чиј прекар е Гроф, треба да дојде на местото на Благоја Милевски, кој е под голем притисок од јавноста дека треба да си замине поради серијата слаби резултати.
Во квалификациите за Европското првенство, Македонија има само три бода од три меча во групата во која се Италија, Англија, Украина и Малта. По победата над Малта од 2:1, Македонија потоа загуби со 2:3 во Скопје од Украина, а потоа следуваше историскиот дебакл и порзот со 7:0 на „Олд Трафорд“ од Англија.
Следниот предизвик за Македонија е дуелот против Италија на 9 септември во Скопје, но нашата репрезентација веќе и нема што да бара во овие квалификации затоа што шансите за освојување на едно од првите две места веќе се загубени.
Боживиќ има 55 години и е некогашен дефанзивец кој во играчката кариера ги носел дресовите на Будуќност, Црвена ѕвезда, АПОП Кинирас, РКС, Ависпа Фукуока и РБЦ. Играчката кариера ја заврши во 1999 година, а потоа започна неговата тренерска кариера.
Има работено речиси во 20 различни клубови и никаде се нема задржано повеќе од две години. Работеше во Црвена ѕвезда во периодот од 2015 до 2017 година, а поголем дел од кариерата има работено во клубови во Русија, каде што бил дел од Амкар, Москва, Динамо Москва, Ростов, Локомотив Москва, Арсенал Тула и Крилја Советов.
Последно има работено во Арсенал Тула, клуб кој минатата сезона заврши на последното место во руската Премиер лига и испадна од елитното друштво.