Македонија доста ослабена во Тбилиси, селекторот не е задоволен како се развиваат помладите

Македонската сениорска кошаркарска репрезентација утре заминува за Грузија, каде што в четврток ќе го има гостувањето од третото коло во квалификациите за Светското првенство.

По првите две кола, Македонија има два порази, од Украина на гости и од Шпанија дома, а сега за три дена ќе одиграме два меча против традиционално незгодната за нас Грузија. Најголем проблем за селекторот Драган Бајиќ се отсуствата на Димитријевиќ, Магдевски, Дамјан Стојановски, Стајиќ и Ѓуроски.

Тимот ќе тренира и утре претпладне во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, а потоа заминува на пат.

„Навистина не сакам да ги набројувам сите потешкотии што ги имаме. Од првиот ден откако дојдов тука имам желба за работа, но едноставно имаме страшни проблеми од циклус во циклус кога е ростерот во прашање. Немаме среќа барем еднаш да се собереме сите заедно и да видиме сите каква ни е моќта. Секако, јас како тренер нема да барам алиби за резултатите, што и да биде, јас ја преземам одговорноста за сè, но жал ми е за момците затоа што еднаш не можеме да сме сите заедно и да градиме еден хомоген тим, вели селекторот, кој поради административни проблеми, мора да патува за Тбилиси по друг пат, а не заедно со тимот.

„Сигурно е дека против нас ќе имаме голем фаворит, но ако ни се даде шанса, верувам ќе знаеме да ја искористиме. Останавме со еден плејмејкер, тоа е Кристијан Николов. Имаме и млади играчи со кои полека ги пополнуваме позициите. Ако бевме комплетни, можеше да се каже дека ќе даваме отпор голем или слично, сега ќе излеземе на терен без бело знаме и ќе видиме што ќе биде. Од ситуацијата што ја следам, не сум задоволен како играчите се развиваат во своите клубови. Не се мешам во ничија политика, познато е дека тука доста клубови се потпираат на странци, имаат четири во ростерот и еден домашен играч. Верувам дека на сите млади кошаркари им значи повикот во Македонија, дека им значат овие тренинзи, а уште ако бидат во ростер, тоа сигурно ќе биде уште поголема мотивација“, додава Бајиќ.

- Оглас -

Најнови вести