Ждрепката за квалификациските турнири за пласман на Светското првенство 2026 и европските плејоф-натпревари ќе се одржи во седиштето на ФИФА во Цирих, Швајцарија, во четврток, на 20 ноември 2025 година. Два дена по натпреварот меѓу Велс и Македонија во Кардиф, нашиот национален тим ќе ги дознае и ривалите преку кои ќе мора да помине, да ги елиминира, доколку сака да се најде на претстојниот Мундијал.
Оваа ждрепка ќе го одреди патот што 22-те селекции, шест преку плејоф-турнирот и 16 преку европските плејоф-натпревари, треба да го поминат за да обезбедат место на првото Светско првенство со 48 репрезентации, кое ќе се одржи во Канада, Мексико и САД од 11 јуни до 19 јули 2026 година.
Ждрепката ќе се одржи в четврток, со почеток во 13 часот во Цирих.
Веќе 28 селекции обезбедија место на Светското првенство, додека уште 14 нации – три од КОНКАКАФ и 11 од УЕФА, ќе се квалификуваат преку конфедерациските квалификации овој месец.
Ноемврискиот термин ќе одреди и кои тимови од АФК, КАФ и КОНКАКАФ ќе се приклучат на националниот плејоф-турнир на ФИФА со шест селекции, заедно со Боливија (КОНМЕБОЛ) и Нова Каледонија (ОФК), како и 16-те репрезентации што ќе се натпреваруваат во европските плејоф-натпревари во периодот од 23 до 31 март 2026 година.
Плејоф-турнирот на ФИФА ќе има две финалиња, каде што победниците од полуфиналните натпревари меѓу селекциите неносители ќе се соочат со селекции носители. Победниците ќе обезбедат две места за Светското првенство 2026.
Европските плејоф натпревари ќе ги сочинуваат 12-те второпласирани репрезентации од групите и четирите најдоброрангирани победници од секциите на УЕФА Лигата на нациите. Шеснаесетте тимови ќе бидат поделени во четири плејоф-патеки по четири тима.
Натпреварите ќе се играат во полуфиналиња и финалиња по еден натпревар за да се одредат последните четири европски учесници на Светското првенство 2026.
Следното издание на ФИФА ранкингот ќе биде објавено на 19 ноември 2025 за да се обезбеди правилно спроведување на жрепката.


