Македонија е едно место подолу во ФИБА-ранкингот кога станува збор за рангирањето на машките национални селекции во европската зона на Светската кошаркарска федерација!
Машката сениорска репрезентација на Македонија е на 59-тото место на светската рејтинг-листа, објавија од ФИБА по завршувањето на претквалификациите, оние од августовскиот ФИБА „прозорец“.
По ова најново рангирање на Светската кошаркарска федерација, имаме вкупно 198,6 бода, доволни за нашата најдобра селекција да ја има и 29-тата позиција во рангирањето кога станува збор за европската зона на ФИБА.
Од нашите противници во групата, оној наредниот, во ноемврискиот ФИБА „прозорец“, односно претквалификациите за Евробаскетот 2029, репрезентацијата на Ирска е на 37-мата позиција во европски, односно на 82-рото место во светски рамки и има вкупно 118,1 бода.
Луксембург бележи пад од две позиции и сега е на 39-тата позиција во Европа, односно на 88-мата во светот со 109,0 бода, додека пак Азербејџан иако напредуваше за три места, сега е на 107-мото место во светскиот рејтинг, односно на позицијата број 44 во оној европскиот со 75,9 бода.
Инаку, лидер во светскиот поредок останува САД, кој има 845,8 бодови, на втората позиција сега е Германија, новиот европски првак има 765,9 бода, додека Србија „падна“ за една позиција, со 761,8 поени. А во светскиот ТОП 5 се уште и репрезентациите на Франција и Канада.