Македонија е феномен – даде гол, а ниеднаш не шутна прецизно против Австрија

Македонската фудбалска репрезентација синоќа на стадионот „Тодор Проески“ доживеа еден од најтешките порази во последните неколку години. Австрија славеше со 4:1, но освен резултатот, многу позагрижувачки беше пристапот и начинот на којшто играа македонските фудбалери.

Гостинските фудбалери доминираа на теренот, постојано создаваа шанси, па доколку беа малку посконцентрирани и со подобра реализација, на крајот можеа да дадат и многу повеќе од четири голови. Инфериорната игра на Македонија не сакаа да ја гледаат голем дел од публиката која дојде на стадионот, па по третиот и четвртиот гол на Австрија, стадионот речиси целосно се испразни. 

Кога се игра, секогаш може да се загуби, но разочарува фактот дека Македонија делуваше многу немоќно против Австрија, селекција која не е ниту во првите 15 во Европа, а синоќа делуваше како да е светски гигант во Скопје. За тоа колку Македонија не можеше да парира, покажува и статистиката по мечот.

Нашите фудбалери сепак може да се пофалат со еден редок феномен. Според официјаната статистика на УЕФА, Македонија не упатила ниту еден директен прецизен удар во рамките на голот на Австрија, а сепак даде гол. Тоа е така благодарение на автоголот на Хинтерегер во 18-тата минута.

За разлика од Македонија, гостите имаа дури 8 прецизни удари кон нашиот гол, а само благодарение на добрите одбрани на Столе Димитриевски, поразот не е поубедлив. Австрија беше доминантна и во изведените корнери (7:2), додека поседот на топката беше 64-36 во корист на Австрија.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести