Македонија слави голема победа против Косово со 2:1 во Скопје и стигна на чекор до европските порти и до прв настап на големо фудбалско натпреварување.
Сега, по победата против незгодниот ривал, во балканското дерби ни останува да ја победиме и Грузија за да играме на Европското првенство следната година.
Избраниците на Игор Ангеловски беа подобри и заслужено ќе играат финале во Сегментот Д за пласман на ЕП, а сè беше решено по малку повеќе од половина час во првото полувреме.
Поведовме навреме со автоголот на Кололји во 16-тата минута по ударот на Стефан Ристовски, Бекот на Косово несреќно ѝ го смени правецот на топката, која заврши зад грбот на Муриќ, за голема радост на нашите репрезентативци.
Потоа ни се случи голем кикс, а Столе Димитриевски кардинално погреши во 29-тата минута, Дарко Велковски не исфрли навреме и Хардеѓонај искористи и со лоб израмни на 1:1.
За среќа, брзо реагиравме и повторно само по 240 секунди поведовме со златниот погодок на едно од нашите златни момчиња од младинското ЕП во Полска.
Дарко Велковски извонредно реагираше во 33-тата минута и по центаршутот на Енис Барди од слободен удар со глава го постави конечниот резултат.
Имавме шанси за гол(ови) и во второто полувреме, а ни беа поништени два гола и во спорна ситуација не беше досуден панел по игра со рака на гостите, но најважно е што победивме.
Претходно и Грузијa славаше минимално, но со 1:0 против Белорусија и нè чека на 12 ноември во финалето на Сегментот Д на нокаут-меч, по кој шампионот ќе игра на Европското првенство следната година.