Македонија Ѓорче Петров и Академија Пандев ќе ги почнат денешните реванш полуфинални мечеви во националниот Куп против Беласица, односно Победа со предност од првите дуели.
Во населбата Ѓорче Петров популарните „лавови“ ќе стартуваат од 15.30 часот против струмичани со 1-0 од првиот дуел, кога ја победија Беласица на гостински терен.
Втората екипа од Струмица, Академија Пандев, мина многу подобро од Беласица и денеска во Кавадарци, каде што Победа е домаќин, ќе тргне од центарот со залиха од два гола по победата од 3-1. И тој меч ќе се игра од 15.30 часот.
Струмичани, односно и двете екипи и Беласица и Академија Пандев играат за своето прво финале во Купот, а Победа и Македонија веќе имаат такво искуство. По еднаш го креваа и пехарот, а прилепчани одиграа уште две финалиња на кои беа поразени, додека Македонија Ѓ.П. еднаш го напушташе теренот со пораз во мечот за пехарот.